ПРВ.мк
Македонија

СТУДЕНТИТЕ БАРААТ 200 ДЕНАРИ ЗА ОБРОК, ЈАНЕВСКА НАЈАВУВА НОВ СИСТЕМ: Еве што ќе се менува со субвенциите!

СТУДЕНТИТЕ БАРААТ 200 ДЕНАРИ ЗА ОБРОК, ЈАНЕВСКА НАЈАВУВА НОВ СИСТЕМ: Еве што ќе се менува со субвенциите!

Барањето на студентите дневниот субвенциониран оброк да се зголеми од 140 на 200 денари сè уште нема конечен одговор, иако претставниците на студентите веќе разговарале со Владата. Министерството за образование и наука, предводено од министерката Весна Јаневска, предлага воведување нов ваучерски систем, сличен на моделот што се применува во Словенија.

Јаневска изјави дека на студентите им било понудено системско решение со кое средствата за субвенциониран оброк би се користеле за купување храна кај оператори вклучени во системот. Според неа, разговорите продолжуваат, а се очекува и студентските претставници да се изјаснат за предлогот.

„Им понудивме ново системско решение, соодветно на тоа што се вика студентски субвенциониран оброк, според нивните барања од минатото, слично на она што го има Република Словенија. Секако ќе најдеме решение, во овој момент дискутираме сè уште, очекуваме нивни одговори, но верувам дека на крај сите ќе бидеме задоволни од исходот“, изјави министерката.

Целта на предложениот модел е субвенцијата да се користи исклучиво за храна, во согласност со законската намена на овие средства. Јаневска објасни дека со ваучерскиот систем би се ограничила можноста парите да се трошат за производи како алкохол и цигари, а студентите би можеле да купуваат храна кај операторите што ќе бидат дел од системот.

Министерката најави и зголемување на субвенцијата, но конкретниот износ сè уште не е утврден и треба дополнително да биде договорен.

Од друга страна, претседателката на Универзитетското студентско собрание при УКИМ, Ангела Василевска, посочи дека студентските претставници се подготвени да разговараат за новиот начин на субвенционирање, но инсистираат да добијат конкретен одговор за зголемувањето на дневниот износ.

Според неа, на средбата во Владата не било прецизирано колкаво ќе биде покачувањето, иако иницијативата за зголемување на студентскиот оброк е поднесена пред повеќе од месец и половина.

„Ние дадовме време уште на почетокот кога ја поднесовме иницијативата, а тоа беше до 1 октомври. Со оглед на тоа дека иницијативата е поднесена повеќе од месец и половина, ние, односно студентите, се извисени повеќе од месец и половина и сè уште очекуваат одговор“, изјави Василевска.

Таа најави дека Националното студентско тело планира до следната недела да организира дигитален студентски референдум. Преку него, студентите ќе можат да го кажат своето мислење за предложените промени во системот за субвенциониран оброк.

Василевска смета дека треба да се почека до следната недела за да се спроведе референдумот и да се види дали надлежните институции ќе одговорат на барањата. Доколку нема реакција од државата, најави дека студентите би требало да размислат за преземање дополнителни чекори.

„Сметам дека е добро да почекаме до следна недела, еве и да го направиме студентскиот референдум, за потоа, доколку државата сè уште не реагира на нас и сè уште студентите се ставаат на последно место и студентскиот стандард се третира како студентски луксуз, сметам дека треба понатаму да се преземат следни чекори“, рече таа.

Од Универзитетското студентско собрание нагласуваат дека воведувањето ваучерски систем и зголемувањето на висината на субвенцијата се две одделни прашања. Според студентските претставници, евентуалната промена на начинот на кој се користат средствата треба да биде придружена и со зголемување на дневниот износ.

Засега, конечниот модел за субвенциониран студентски оброк и точната сума што ќе ја добиваат студентите остануваат предмет на разговори меѓу Министерството за образование и наука и студентските претставници. Студентите очекуваат конкретен одговор на барањето дневната поддршка да се зголеми од 140 на 200 денари.

Најнови вести