Масовна тепачка меѓу пратеници од владејачката партија „Граѓански договор“ и опозициската партија „Силна Ерменија“ утрово го прекина заседанието на Националното собрание на Ерменија. Во инцидентот имало повредени пратеници, а во парламентот пристигнало и амбулантно возило, објави „Ерменијан репорт“.
Напнатоста започнала за време на говорот на Тарон Чахојан, претставник на владејачката партија. Тој директно му се обратил на Нарек Карапетјан, лидер на опозициската група „Силна Ерменија“, притоа споменувајќи го вклучувањето на неговото семејство во политиката.
Карапетјан реагирал со дофрлање од своето место, а откако Чахојан му одговорил, опозициските пратеници станале од клупите, по што ситуацијата ескалирала во масовна физичка пресметка.
Во хаотичната ситуација биле разменувани удари, а заменик-претседателот на парламентот, Вахагн Алексанјан, фрлил стол кон претставниците на опозицијата.
Претседателот на Националното собрание, Рубен Рубињан, неколку минути го следел инцидентот, по што прогласил пауза и го повикал собраниското обезбедување да интервенира. Според ерменските медиуми, расправијата и физичките пресметки продолжиле и во ходниците на парламентот.
Последиците од инцидентот биле видливи и кај дел од пратениците. На Андраник Геворгјан, претставник на „Силна Ерменија“, му крвавел носот, додека облеката на неговиот партиски колега Рубен Мхитарјан била искината.
По тепачката, владејачката партија „Граѓански договор“ свикала затворена седница.
Рубињан изјавил дека одлучно го осудува однесувањето на Давтјан. Воедно, ги отфрлил критиките дека собраниското обезбедување реагирало предоцна, како и обвинувањата од опозицијата дека инцидентот бил однапред испланиран.
Тој најавил и проверка на тврдењата дека помошници на претставникот на „Силна Ерменија“ ги нападнале пратениците во ходниците. Според неговите наводи, некои телохранители наводно биле регистрирани како парламентарни помошници. Рубињан порача дека на лицата за кои ќе се утврди дека ги прекршиле правилата нема да им биде дозволен влез во Националното собрание.
За инцидентот се огласил и ерменскиот премиер Никол Пашинјан. На брифинг со новинарите тој го осудил насилството, но истовремено ги поддржал мерките што ги презела владејачката партија по случувањата во парламентот, пренесе „Арменпрес“.
Пашинјан целосната одговорност за инцидентот ја префрлил врз опозицијата, а во својата изјава ја оправдал реакцијата на владејачката партија.
„Целата одговорност за она што се случи ја префрлам на опозицијата. Без разлика дали е со стол или со нешто друго, тоа е пропорционално и коректно“, изјави Пашинјан.
Инцидентот предизвика прекин на собраниската седница и отвори прашања за одговорноста на учесниците, постапувањето на обезбедувањето и околностите под кои дошло до физичката пресметка.








