ПРВ.мк
Македонија

СКАНДАЛ ВО МАКЕДОНСКАТА ПОЛИЦИЈА: Пријавиле дека контролирале седум возила, а возачите тврдат дека никој не ги запрел!

СКАНДАЛ ВО МАКЕДОНСКАТА ПОЛИЦИЈА: Пријавиле дека контролирале седум возила, а возачите тврдат дека никој не ги запрел!

Двајца полициски службеници од Радовиш се соочуваат со кривични пријави поради сомневања дека изготвиле службен извештај со невистинити податоци за извршени сообраќајни контроли.

СВР Струмица, преку ОВР Радовиш, поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција против Б.Ч. (31) од селото Конче и Б.Б. (38) од Радовиш.

Првопријавениот се сомничи за фалсификување службена исправа, додека второпријавениот се товари за соизвршителство во истото кривично дело.

Пријавиле седум контроли што возачите ги негираат

Според информациите од полицијата, на 13 октомври 2026 година, двајцата службеници изготвиле извештај по завршувањето на доделената службена задача.

Во документот навеле дека извршиле контрола на седум возила, иако во истиот извештај посочиле период од смената во кој не постапувале по службената наредба.

Дополнително, доставиле табеларен преглед со марки на возилата, регистарски ознаки и лични податоци на возачите.

Кај дел од возилата времето на наводната контрола се совпаѓало со периодот во кој полицајците самите навеле дека не извршувале задачи.

Службениот извештај бил потпишан од првопријавениот Б.Ч., како одговорен полициски службеник.

Возачите откриле што навистина се случило

По дополнителните проверки, полициските службеници разговарале со лицата наведени како возачи во спорниот извештај.

Возачите потврдиле дека на посочениот датум воопшто не биле запрени ниту контролирани од полицијата.

Врз основа на прибраните информации, против двајцата полицајци се поднесени кривични пријави.

Надлежните институции треба да утврдат дали постои кривична одговорност за наводното фалсификување на службената документација.