Граѓаните би можеле самостојно да избираат дали пензиските придонеси ќе ги уплаќаат исклучиво во државниот пензиски фонд или ќе продолжат да учествуваат и во приватниот втор пензиски столб. Ова го најави премиерот Христијан Мицкоски, откривајќи дека Владата разгледува можност за воведување хибриден модел со кој на осигурениците би им се овозможила поголема слобода при изборот на пензискиот систем.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски упати критики кон компаниите кои управуваат со средствата во вториот пензиски столб. Според неговата оценка, приносите што ги остваруваат се трипати пониски од очекуваните, иако пред околу 20 години, кога започнала пензиската реформа, биле поставени одредени очекувања за резултатите од нивното работење.
Премиерот оцени дека компаниите не успеале да ги оплодат средствата на граѓаните во очекуваната мера и дека не треба одговорноста за таквите резултати да ја префрлаат на други.
„Тоа значи дека тие се слаби претприемачи. Не можете вие да ги користите средствата од граѓаните и да не ги оплодувате и да не носите приноси онакви какви што треба, какви што сте се договориле пред 20 години кога е почната оваа реформа и сега некој друг да ви е виновен. Тоа така не оди“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека Владата размислува за решение со кое граѓаните ќе можат сами да одлучат дали ќе останат само во државниот пензиски столб или ќе продолжат да ги користат и државниот и приватниот систем.
„Ако сте неуспешен во бизнисот, доаѓа некој друг кој што е поуспешен. И сега ние разгледуваме некое хибридно решение во кое што на граѓаните ќе им се даде слобода да си донесат самите одлука дали ќе сакаат да го користат само државниот или ќе сакаат и во државниот и во приватните пензиски столбови“, истакна премиерот.
Мицкоски нагласи дека, според него, не е прифатливо компаниите кои пред две децении ја добиле довербата да управуваат со парите на осигурениците да не остваруваат приноси какви што очекувале граѓаните.
Проблем и со средствата што треба да се исплаќаат од вториот столб
Како дополнителна причина за разгледување на новиот модел, премиерот го посочи и фактот дека првите корисници веќе почнале да ги добиваат средствата од вториот пензиски столб, но нивните износи, според него, се премногу мали.
Тој објасни дека во такви случаи државата мора дополнително да интервенира за корисниците да го достигнат минималното ниво на пензиска сигурност.
„Нормално, бидејќи се премногу мали, државата до минималната пензија, онаа социјална сигурност што ја има, треба дополнително да дава средства. Мислам, тоа нема логика“, изјави Мицкоски.
ПИОМ има долг од 42 милиони евра кон вториот столб
Прашањето за функционирањето на вториот пензиски столб се отвора и во контекст на ревизорскиот извештај за работењето на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за 2024 година, кој беше објавен во јуни годинава.
Во извештајот е утврдено дека ПИОМ не ги префрла редовно средствата во вториот пензиски столб, иако има законска обврска тоа да го направи во рок од пет работни дена.
Според ревизорските наоди, долгот на ПИОМ кон вториот пензиски столб достигнал 42 милиони евра. Поради доцнењето, парите не се навреме префрлени на индивидуалните сметки на осигурениците, што значи дека во тој период не можат да бидат инвестирани и да остваруваат принос.
Како се распределуваат пензиските придонеси?
Во актуелниот систем, вкупниот придонес за пензиско и инвалидско осигурување изнесува 18,8 проценти од бруто-платата на вработениот.
Од тој износ, 12,8 проценти се уплаќаат во државниот Фонд за пензиско и инвалидско осигурување, додека шест проценти се префрлаат на индивидуалната сметка на осигуреникот во приватниот пензиски фонд.
Парите во вториот столб се инвестираат на пазарите на капитал, со цел да се оствари принос и да се зголеми износот на идната пензија на осигуреникот.
Според постојниот систем, осигурениците остваруваат пензија од првиот и вториот столб, а дополнителни средства можат да обезбедат и преку третиот, доброволен пензиски столб.
Најавата на Мицкоски отвора можност за промена на досегашниот модел, но засега станува збор за решение што Владата го разгледува. Конкретните услови, начинот на избор и евентуалниот почеток на примената сè уште не се соопштени.




