Психоактивни печурки, бела грутчеста и прашкаста материја, марихуана и таблети се пронајдени при полициски претреси и акциски контроли спроведени во неколку градови низ државата во изминатите 24 часа.
Еден од случаите бил откриен во Струмица, каде што по приведувањето на 53-годишниот Б.Б., полициските инспектори со судска наредба извршиле претрес во неговиот дом. Таму биле пронајдени 13 бели печурки за кои постои сомнение дека имаат психоактивни својства. Печурките веднаш биле испратени на вештачење за да се утврди нивниот состав.
Дрога била откриена и во Казнено-поправната установа „Затвор Прилеп“. При извршената контрола, кај 39-годишниот осуденик М.Б. од Велес била пронајдена скриена грутчеста материја.
Во друг случај, во Градско бил затекнат 27-годишниот А.О. од Битола, кој издржувал затворска казна, но користел слободен викенд. Кај него биле пронајдени бела прашкаста и грутчеста материја, канабис и таблети. По откривањето на случајот, тој бил вратен во „Затвор Скопје“.
Полициските активности биле спроведени и во Скопје, Прилеп, Кочани и Струмица, каде што биле приведени уште неколку лица.
Во Скопје биле уапсени М.Ф. (24) и А.А. (65), во Прилеп Џ.П. (44) и едно малолетно лице, во Кочани В.З. (26), а во Струмица Е.В. (19). Според информациите за случаите, кај нив биле пронајдени марихуана и бела прашкаста материја.
По целосното документирање на секој одделен случај, СВР Скопје, СВР Струмица и ОВР Прилеп ќе поднесат кривични пријави за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.
Откриените материјали се предмет на понатамошни постапки, со кои треба да се утврдат нивниот состав и сите околности поврзани со одделните случаи.




