Цивилната гарда на Шпанија одреди четири локации во Мадрид, Толедо, Севиља и Кордоба за поднесување пријави за исчезнати лица и прибирање ДНК примероци по железничката несреќа во Урда.
Во рамките на командните центри се воспоставени канцеларии за прибирање податоци пред смртта, познати како „Анте-Мортем“ канцеларии, а за координација и обработка на пријавите задолжени се Единицата на правосудната полиција и Службата за психолошка поддршка на Цивилната гарда, пренесе РТВЕ.
– ДНК примероци можат да дадат сродници во прво колено на исчезнатото лице: родители, деца, браќа или сестри, со цел да се овозможи генетско совпаѓање заради идентификација.
Локациите се наоѓаат во Мадрид, на улицата Батаља дел Саладо 32, каде што работат 24 часа дневно, во Толедо, на авенијата Барбер 42, во Севиља, на авенијата Де ла Борбоља 8, и во Кордоба, во Покраинската команда, со влез од авенијата Де лос Мосарабес.
Цивилната гарда апелираше до граѓаните да не доаѓаат на местото на несреќата со цел да се избегнат метежи и да се овозможи неспречен премин по пристапните патишта.
Заради полесна идентификација, семејствата се повикуваат да достават:
- лични карти од исчезнатото лице и од подносителот на пријавата;
- понови фотографии;
- податоци за физичките карактеристики како тетоважи, лузни и бемки;
- информации за забни или медицински протези;
- како и опис на облеката што ја носело исчезнатото лице за време на патувањето.






