Финските власти утрово ги активираа итните безбедносни мерки откако беа пријавени можни неидентификувани дронови во воздушниот простор над регионот Усима, вклучувајќи ја и областа околу Хелсинки.
На населението му беше издадено предупредување да се засолни во затворени простории и да остане внатре додека трае проценката на ситуацијата, додека надлежните служби покренаа операции за надзор и контрола на воздушниот простор, пренесе порталот Yle.
Одбранбените сили на Финска воведоа привремена зона со ограничување на летовите за да овозможат безбедно постапување и да спречат неовластен влез во погодениот воздушен простор. Истовремено, привремено беа прекинати и пренасочени воздушниот и поморскиот сообраќај во поширокото подрачје на Хелсинки, вклучувајќи ги и операциите на аеродромот Хелсинки-Ванта.
Полицијата во текот на утрото соопшти дека во повеќе наврати се видени дронови во јужниот дел на земјата, додека во операцијата за надзор беа вклучени и воени авиони од типот „Hornet“, кои патролираа над Усима и во близина на Хелсинки.
Повлечена безбедносната узбуна Финските служби за вонредни состојби подоцна соопштија дека безбедносната узбуна е повлечена и дека ситуацијата е ставена под контрола. Властите оценија дека преземените мерки биле од превентивна природа.
Финскиот премиер Петери Орпо им порача на граѓаните дека „е безбедно да се оди на училиште и на работа“, со најава за дополнително информирање на јавноста за инцидентот.
И покрај прекините во утринскиот сообраќај, јавниот превоз во Хелсинки главно продолжи да функционира, иако дел од автобуските линии беа откажани или привремено прекинати.







