Federal Bureau of Investigation повторно ја отвори потрагата по поранешната специјалистка за разузнавање на американските воздухопловни сили, Моника Вит, за која американските власти тврдат дека шпионирала во корист на Иран.
ФБИ сега нуди награда од дури 200.000 долари за информации што би можеле да доведат до нејзино апсење. Според американските власти, Вит пребегнала во Иран уште во 2013 година, а и денес се верува дека е активна и поврзана со иранските активности против САД.
Во соопштението што беше објавено во четвртокот, од Federal Bureau of Investigation наведуваат дека агенцијата не се откажала од случајот и дека потрагата по неа продолжува со години.
Специјалниот агент задолжен за контраразузнавање и сајбер безбедност во канцеларијата на ФБИ во Вашингтон, Даниел Виерзбицки, изјавил дека веруваат оти токму сега некој можеби располага со информации за нејзината локација, особено во време на зголемени тензии меѓу САД и Иран.
Од ФБИ упатија и јавен повик до граѓаните да достават информации кои би можеле да помогнат во нејзиното пронаоѓање и апсење.
Моника Вит претходно работела како контраразузнавачки службеник во Канцеларијата за специјални истраги на американските воздухопловни сили. Во периодот од 2003 до 2008 година била ангажирана на задачи поврзани со контраразузнавање, при што престојувала и на Блискиот Исток.
Американските обвинители уште во 2019 година тврдеа дека Иран успеал да ја регрутира. Тогашниот помошник државен обвинител Џон Демерс изјавил дека по пребегнувањето таа наводно открила чувствителни информации, меѓу кои и детали за тајна американска разузнавачка програма, како и идентитет на американски агент, со што наводно бил загрозен неговиот живот.
Во обвинението се наведува дека од почетокот на 2012 до мај 2015 година, додека престојувала во Иран и други држави надвор од САД, Вит соработувала со ирански претставници и им обезбедувала документи и информации поврзани со националната безбедност на САД.
Според американските власти, по нејзиното пребегнување, иранските власти ѝ обезбедиле сместување, компјутерска опрема и друга логистичка поддршка за да ѝ помогнат во нејзините активности.







