Управа за јавни приходи денеска соопшти дека официјално започна исплатата на средствата од повратот на дел од ДДВ за првото тримесечје од 2026 година, па голем број граѓани во наредните денови ќе можат да ги видат средствата на своите трансакциски сметки.
Од УЈП информираат дека исплатата се реализира етапно, односно парите се префрлаат постепено, веднаш по обработката на налозите за исплата.
Според официјалните податоци, овој квартал средства ќе добијат вкупно 528.447 корисници, а за таа намена ќе бидат исплатени околу 836 милиони денари.
Сепак, кај дел од граѓаните исплатата засега не може да се реализира. Од Управа за јавни приходи посочуваат дека кај 4.968 корисници биле утврдени неточни податоци за трансакциските сметки, поради што префрлањето на средствата е стопирано сè додека податоците не бидат коригирани.
Дополнително, кај 7.560 корисници износот за поврат бил помал од 50 денари, па тие средства ќе бидат префрлени и исплатени во следниот квартал.
Од Управата апелираат сите граѓани кои сè уште немаат добиено исплата, а очекуваат поврат на ДДВ, задолжително да ги проверат податоците за трансакциската сметка во апликацијата МојДДВ.
Според надлежните, со внесување точни и ажурирани податоци, исплатата ќе може непречено да се реализира во следниот циклус.






