СВР Битола упати предупредување до граѓаните за нов бран телефонски измами поврзани со лажни сообраќајни несреќи, при што измамниците се обидуваат да извлечат пари преку шокантни и вознемирувачки приказни.
Од полицијата апелираат граѓаните да бидат особено внимателни, а најмногу повозрасните лица, кои најчесто се цел на ваквите измами.
Според информациите од СВР Битола, измамниците телефонски контактираат граѓани и лажно се претставуваат како полициски службеници, доктори или други службени лица. За време на разговорот, тие тврдат дека нивни блиски – најчесто деца или внуци – наводно предизвикале тешка сообраќајна несреќа со смртни последици или биле сериозно повредени.
Потоа од жртвите бараат итно да дадат голема сума пари, објаснувајќи дека средствата се потребни за наводно ослободување од кривичен прогон или за итна операција и лекување.
За измамата да изгледа уште поверодостојно, измамниците пуштаат и гласови во позадина, каде може да се слушне лице кое бара помош или плаче, со цел дополнително да предизвика паника и страв кај граѓаните.
Од СВР Битола нагласуваат дека граѓаните не треба да наседнуваат на вакви телефонски повици и апелираат веднаш да се пријави секој сомнителен контакт во полиција.
Полицијата потсетува дека институциите никогаш не бараат пари телефонски за вакви случаи и апелира до граѓаните да разговараат со своите повозрасни членови од семејството за да не станат жртви на ваков вид измама.






