Лекарите се борат за животот на 12-годишно момче кое беше згмечено од вртелешка во забавниот парк „Гагарин“ во рускиот град Стерлитамак.
Момчето се здобило со стравични повреди на 10 мај, кога со неколку другари отишло во забавниот парк. Пет момчиња се сместиле на вртелешката „Валцер“, кога операторката им рекла дека не смеат сите да бидат во една кабина и му наредила на едно од децата да премине на друга позиција. Момчето станало за да се префрли во друга „школка“.
„Во тој момент операторката заминала и веднаш ја вклучила атракцијата, без да се увери дека детето стигнало да помине и да седне“, тврди жена блиска до семејството на момчето.
Кога вртелешката се придвижила, момчето било исфрлено во правец на оградата, а потоа справата го приклештила меѓу „школката“ и металната конструкција. Извесно време вртелешката му ја кинела ногата на детето и му го притискала долниот дел од телото.
Според наводите на руските медиуми, повреденото момче во тешка состојба било префрлено на интензивна нега со фрактура на ’рбетот, згмечена нога и откинати прсти. На 13 мај со медицински авион било префрлено во Републичката детска клиничка болница во Уфа.
Мајката на детето ги предупредува другите родители за можниот небреж на вработените. Таа ги демантира гласините дека нејзиниот син наводно станал за време на движењето на атракцијата. Жената се повикува на сведоци кои виделе дека момчето воопшто не стигнало да седне кога вртелешката била пуштена во работа.
„Чувајте ги своите деца. И ве молам, не молчете за небрежноста“, апелира таа.
Од администрацијата на паркот што го носи името на Јуриј Гагарин соопштија дека атракцијата моментално не работи.
„Во тек е детална истрага за сите околности на настанатата ситуација. Управата на паркот целосно соработува со надлежните органи и ја доставува целата потребна документација и податоци“, додадоа од паркот.
Како што изјавија за Gorobzor.ru од регионалното Министерство за здравство, повреденото момче моментално се наоѓа во средно тешка состојба и се лекува на одделот за трауматологија во Републичката детска клиничка болница.








