Михаела Б. (48), градежен инженер, одгледувач на кучиња и мајка на четири деца, влегла во воз на 13 февруари во австрискиот град Санкт Георген ан дер Штифинг и оттогаш ѝ се губи секоја трага. Сега трагата води до Германија. Мистеријата дополнително ја продлабочува загонетната порака за која се верува дека ја испратила токму таа, а која на полицијата ѝ задава сериозни главоболки.
На денот кога Михаела исчезнала, со себе понела само неколку работи, вклучувајќи пасош, возачка дозвола и готовина. Не била пронајдена никаква порака за тоа каде тргнала. Зад себе ги оставила и своите четири кучиња, меѓу кои имало и една скотна женка. Одгледувачката на чивави едноставно исчезнала без никакво објаснување, пренесува „Билд“.
Мистериозен мејл од исчезнатата жена Според полициската истрага, Михаела на 13 февруари пеш отишла до железничката станица Вилдон, оддалечена околу четири километри од нејзиното место на живеење. Кучиња трагачи ја следеле нејзината трага до станицата, но таму секоја трага се изгубила. Полицијата потоа јавно упати апел за помош во потрагата по мајката на четири деца, а набрзо по тоа пристигнал мистериозен мејл, пишува весникот „Кронен цајтунг“.
Пораката била испратена во име на исчезнатата жена, од сервер во странство, поради што сега постои сомнеж дека е киднапирана.
„Не заминав по своја волја. Но, престанете да трагате по мене“, пишувало во пораката.
Дали Михаела Б. навистина сама ја напишала оваа порака, и понатаму е сосема нејасно.
Трагата води до Хамбург Сигурно е дека Михаела не ја испратила пораката од својот телефон или компјутер, бидејќи и тие уреди ги оставила дома. Еден роднина ги прегледал нејзините уреди и пронашол зачувани рути за патување со воз – од Грац до Виена, а потоа до Хамбург. Билетите, купени на денот на нејзиното исчезнување, Михаела наводно ги платила со подарок-картичка.
Според пишувањето на „Кронен цајтунг“, се истражуваат и пораките кои наводно ги испраќала преку платформи за запознавање.
„Тоа едноставно не личи на мојата мама, туку така да нè остави“, изјавила нејзината најстара ќерка.
Таа се сомнева дека нејзината мајка можеби планирала да замине на неколку дена, но дека сега би можела да биде задржана против своја волја.
„Верувам дека мојата мајка веројатно е задржана во Хамбург и дека некој не ѝ дозволува да стапи во контакт со мене или со кој било друг од нашето семејство“, рекла 21-годишната девојка.
Другите деца на Михаела се сомневаат дека била намамена во стапица по онлајн запознавање.







