ПРВ.мк
Свет

Нетанјаху со силна порака: „Ерусалим никогаш нема да биде предаден“

Нетанјаху со силна порака: „Ерусалим никогаш нема да биде предаден“

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху испрати остри пораки за ситуацијата на Блискиот Исток, нагласувајќи дека Ерусалим ќе остане под целосна контрола на Израел и дека, според него, Иран моментално се наоѓа во најслаба позиција во последните години.

Говорејќи на церемонија организирана по повод Денот на Ерусалим, Нетанјаху изјави дека Израел денес е „посилен од кога било“, додека иранскиот режим, како што рече, е „послаб од кога било“.

Тој порача дека Израел ќе продолжи да се бори против, како што наведе, заканите од радикалниот ислам и организациите што, според израелските власти, претставуваат опасност за државата.

Бенјамин Нетанјаху тврди дека воените операции што Израел ги започнал против Иран во јуни минатата година и повторно во февруари оваа година биле клучни за спречување на иранската нуклеарна програма.

Според него, доколку тие акции не биле преземени, Иран денес би поседувал нуклеарна бомба.

Во својот говор, израелскиот премиер истакна дека непријателите на Израел, според неговите зборови, не сакаат само да ја уништат државата, туку и да ги оттурнат Евреите од Ерусалим, кој го нарече срце на еврејската нација.

Тој нагласи дека Израел нема да дозволи такво сценарио и додаде дека само Ерусалим под израелска власт, според него, може да биде слободен град за сите религии и народи.

Освен за Иран, Нетанјаху зборуваше и за конфликтите со Хамас и Хезболах, при што оцени дека Израел постигнал значајни успеси и на тие фронтови.

Изјавите на израелскиот премиер доаѓаат во период на зголемени тензии во регионот и продолжени конфликти кои внимателно се следат од меѓународната јавност.