Министерство за економија и труд објави нов јавен повик со кој се предвидува финансиска поддршка за микро, мали и средни претпријатија, како и за занаетчии, со цел набавка на нови машини и алати и модернизација на производството.
Вкупниот буџет на повикот изнесува 11,3 милиони денари, односно околу 185 илјади евра, а поддршката ќе се доделува во форма на кофинансирање до 40 проценти од оправданите трошоци. Максималниот износ по еден барател е ограничен на 200 илјади денари.
Средствата се однесуваат на инвестиции кои ќе бидат реализирани во текот на 2025 и 2026 година, додека крајниот рок за аплицирање е 30 јуни 2026 година.
Министерот Бесар Дурмиши изјави дека целта на мерката е да се поттикне модернизацијата на домашните компании и зголемување на нивната продуктивност и конкурентност.
Тој нагласи дека државата продолжува со директна поддршка на малите бизниси и преработувачката индустрија, со фокус на развој, раст и поголема конкурентност на пазарот.
Право на учество имаат микро, мали и средни претпријатија со доминантен домашен капитал, како и регистрирани занаетчии. Услов е фирмите да имаат најмалку 12 месеци активно работење, позитивен финансиски резултат во 2025 година и подмирени обврски кон државата и вработените.
Покрај овој повик, од министерството се најавуваат уште две дополнителни програми за поддршка во 2026 година. Првата предвидува кофинансирање до 70 проценти за воведување и сертификација на стандарди, со буџет од два милиони денари, додека втората е насочена кон заеднички проекти меѓу компании и универзитети, со буџет од пет милиони денари и поддршка до 70 проценти од трошоците.
Бесар Дурмиши истакна дека поврзувањето на бизнисот со науката и иновациите е клучно за технолошки развој, дигитална трансформација и создавање производи со поголема додадена вредност.








