Турција влегува во трката на пазарот на паметни телефони со проект за развој на сопствени уреди, зад кој стојат турски компании од одбранбениот и телекомуникацискиот сектор.
Според информациите што ги пренесуваат турските медиуми, одбранбената компанија ASELSAN, телекомуникацискиот оператор Türk Telekom и TTT İnovasyon започнале соработка за развој на локален и национален паметен телефон.
Проектот предвидува производство на три различни модели, а првиот уред се очекува да биде претставен во првиот квартал од 2027 година.
Посебно внимание привлекува моделот наменет за државните службеници. Станува збор за телефон од повисока класа кој треба да располага со енкриптиран безбедносен систем, со главна цел да овозможи заштитена комуникација во рамките на државната администрација.
Останатите два модела ќе бидат наменети за пошироката јавност и масовниот пазар.
Засега не се објавени целосните технички спецификации, па не е познато какви процесори, камери, оперативен систем или други хардверски карактеристики ќе имаат телефоните. Повеќе детали се очекуваат како што проектот ќе се приближува до фазата на официјално претставување.








