Вистинска драма се одвива во источниот дел на Германија, откако станбена зграда се урна во градот Герлиц, а според локалните власти најмалку три лица сè уште се водат како исчезнати.
Првичните информации говорат дека веднаш по несреќата биле пријавени пет исчезнати лица, но две од нив биле пронајдени кратко по полноќ и, според полицијата, поминале без повреди. Потрагата по останатите продолжила во текот на целата ноќ, додека спасувачките екипи работеле во исклучително тешки услови.
Според досегашните сознанија, можно е уривањето на повеќекатницата, која се наоѓала во близина на железничката станица во Герлиц, да било предизвикано од експлозија поврзана со системот за снабдување со гас.
Поради опасност од дополнителни експлозии и истекување на гас под урнатините, спасувачите биле принудени да интервенираат со голема претпазливост. Полицијата и пожарникарите веднаш ја евакуирале околната област и воспоставиле безбедносен кордон за да спречат нови ризици.
Според локалните власти, во објектот имало и класични станбени единици, но и туристички апартмани. Зградата била во сопственост на општинска станбена компанија.
Истражните служби сè уште ги утврдуваат точните околности под кои дошло до уривањето, додека јавноста во Германија со внимание ја следи спасувачката акција и потрагата по исчезнатите лица.







