Две лица загинаа, а четири, вклучувајќи и две бебиња, се тешко повредени во пукање што доцна синоќа се случило во Ел Каналиљо, меѓу Баланегра и Ел Ехидо во југоисточната шпанска провинција Алмерија.
Според информациите на „Индипендент“, пукањето се случило во понеделникот во 23:15 часот во куќа во Ел Ехидо. Полицијата започна истрага за расчистување на фактите и спроведе голема операција во тоа подрачје, пренесува „Ел Паис“.
Напаѓачот бил уапсен рано утринава откако самиот се предал во локалната полициска станица. Извори за „Европа прес“ наведуваат дека осомничениот се предал по првичното бегство од местото на настанот.
„Меѓу ранетите има и две бебиња“
Како што пренесува „Мирор“, меѓу повредените во пукањето во близина на популарното шпанско крајбрежно одморалиште се две бебиња – едното на возраст од 18 месеци, а другото на 7 месеци.
Седуммесечното бебе е пренесено на интензивна нега во Универзитетската болница „Торакарденас“ (главната јавна здравствена установа во Алмерија) и се наоѓа во „исклучително сериозна“ состојба откако било погодено со два куршуми. На истото одделение за интензивна нега е сместено и 18-месечното бебе, за кое британски „Сан“ наведува дека е девојче.
Мајката на децата е хоспитализирана во друга установа, Универзитетската болница „Пиниенте“ во Ел Ехидо, откако и таа се здобила со повреди во нападот.
Семејна трагедија:
Локалните медиуми додаваат дека двете починати лица се всушност родителите на напаѓачот, додека тешко повреденото седуммесечно бебе е неговиот роден син.
Голема полициска операција
Истрагата е во тек, а на местото на злосторството има силно полициско присуство. Синоќа во Ел Каналиљо излегле и припадниците на елитната Група за брз одговор на Цивилната гарда (шпанската полиција).
Подрачјето каде што се случи овој хорор се наоѓа во близина на Алмеримар, позната туристичка дестинација на брегот на Алмерија, препознатлива по своите песочни плажи и по една од најголемите марини во Андалузија.









