ПРВ.мк
Свет

Тлото не престанува да се тресе: Над 150 земјотреси, има и повредени

Тлото не престанува да се тресе: Над 150 земјотреси, има и повредени

Серија земјотреси ја потресе Гранада во јужниот дел на Шпанија, а најсилниот потрес достигнал магнитуда од 4,8 степени. Најмалку три лица се повредени, меѓу кои и малолетник кој бил пренесен во болница.

Потресите предизвикале вознемиреност меѓу населението, а итните служби примиле повеќе од 50 повици. Голем број граѓани ги напуштиле своите домови, додека од безбедносни причини биле евакуирани и неколку јавни и комерцијални објекти.

На повеќе локации е пријавена материјална штета – пукнатини на ѕидови, паднати делови од фасади и предмети на улиците. Поради опасност за минувачите, седум улици биле оградени, а надлежните служби продолжуваат со проверка на објектите.

Сеизмичката активност предизвикала реакција и во познатиот историски комплекс Алхамбра. Посетителите биле евакуирани од одредени делови, меѓу кои Алказаба и Назариските палати, додека траат безбедносните проверки.

Последната серија потреси доаѓа само неколку дена по земјотресот со магнитуда од околу 5 степени што на 15 август го погодил подрачјето во близина на Алхендин.

Од 14 август во провинцијата Гранада биле регистрирани повеќе од 150 земјотреси. Само во период од еден час денеска биле забележани шест потреси, од кои пет се случиле во интервал од околу 20 минути. По најсилниот земјотрес од 4,8 степени следувале и потреси со магнитуда до 4,2.

Регионалните и локалните власти го активирале планот за итни ситуации при земјотреси и ги засилиле безбедносните мерки. Градоначалничката на Гранада, Марифран Карасо, ги повикала граѓаните да останат смирени додека службите ја проверуваат инфраструктурата и евентуалните оштетувања.