Додека низ светот сè почесто се зборува за можноста од Трета светска војна, Шведска сериозно ја зајакнува својата воена и цивилна подготвеност за евентуален голем вооружен конфликт.
По руската инвазија врз Украина во 2022 година, Шведска ја промени својата долгогодишна безбедносна политика и во март 2024 година стана членка на НАТО.
Според одбранбениот план за периодот од 2025 до 2030 година, земјата предвидува дополнителни 170 милијарди шведски круни за воена одбрана и 37,5 милијарди круни за цивилна заштита.
Средствата се наменети за модернизација на армијата, обновување на засолништата, обезбедување резерви од храна и лекови, како и зајакнување на кибернетичката безбедност и критичната инфраструктура.
Особено внимание привлекуваат препораките до граѓаните. Шведските власти дистрибуирале прирачник со инструкции како да се постапува во случај на криза или војна.
Според препораките, секое домаќинство треба да биде подготвено самостојно да функционира најмалку седум дена без електрична енергија, вода, интернет или редовно снабдување со основни производи.
Граѓаните се советуваат да обезбедат резерви од вода, храна, лекови, батериски ламби и радиоапарати.
Шведска активно ги проучува и искуствата на Украина, особено во одржувањето на болниците, комуникациските системи и снабдувањето со електрична енергија за време на напади.
Властите нагласуваат дека целта на подготовките е зголемување на отпорноста и одбранбените способности на државата, а не најава дека војна е неизбежна.








