Нови вознемирувачки детали излегуваат на виделина за смртта на 32-годишниот хрватски спортист Кристијан Јосип Периш, кој почина на 21 октомври во психијатриската болница „Свети Иван“ во Загреб.
Додека четворица медицински техничари се наоѓаат во истражен притвор поради сомнение за тешко убиство, вниманието на јавноста сега е насочено кон дежурната докторка која, според објавените информации, била присутна за време на спорната интервенција.
Како што пренесуваат хрватските медиуми, снимките од надзорните камери покажуваат дека докторката стоела на приближно еден метар од пациентот додека медицинските техничари употребувале физичка сила врз него.
Според описот на снимките, Периш бил удиран по главата и телото, а во одреден момент му била ставена и перница врз лицето.
Докторката, наводно, чекала можност да му даде дополнителна терапија за смирување, но засега нема информации дека интервенирала за да го запре постапувањето на техничарите.
Особено внимание предизвикува информацијата дека таа засега не е опфатена со истрагата, ниту е предложена за испитување како сведок.
Во продолжението на постапката се очекува да бидат сослушани уште петмина вработени кои биле присутни во болничката соба.
Во меѓувреме, четворицата осомничени медицински техничари добиле откази, а директорката на болницата најавила дополнителни обуки и промени во постапувањето со пациентите.
Истрагата продолжува, а надлежните органи допрва треба да ја утврдат точната одговорност на сите вклучени во трагичниот настан.







