Голема трагедија го потресе австралискиот спорт откако 22-годишната талентирана јавачка Изи Нил го загуби животот по тешка несреќа за време на коњичка трка.
Несреќата се случила во неделата, на хиподромот Ворен во Австралија, кога младата спортистка паднала од коњот за време на натпреварувањето.
По падот се здобила со сериозни повреди и итно била пренесена со хеликоптер во болница во Дабо. И покрај напорите на медицинскиот персонал, Нил им подлегнала на повредите.
Нејзиното семејство во вторникот ја потврди трагичната вест, соопштувајќи дека починала опкружена со најблиските.
„Со длабока тага и скршени срца го објавуваме заминувањето на нашата сакана Изи“, соопштило семејството.
Нејзините најблиски откриле дека љубовта кон коњите ја негувала од најраното детство.
„Изи јаваше коњи уште пред да научи да оди. Нејзината љубов кон коњите беше доживотна страст“, наведуваат тие.
Во најтешките моменти семејството донело благородна одлука да ги донира нејзините органи, со што младата спортистка ќе им даде нова шанса за живот на други луѓе.
По несреќата, преостанатата трка била откажана, а коњот што го јавала морал да биде еутаназиран поради тешка повреда на ногата.
Изи Нил важела за перспективна млада спортистка, која во својата професионална кариера остварила 88 победи.
Семејството им се заблагодарило на лекарите, пријателите и спортската јавност за поддршката во овие исклучително тешки моменти.







