Двократната олимписка шампионка во синхронизирано пливање, Марија Шурочкина (31), е хоспитализирана на интензивна нега по страшен пожар што избувнал во нејзиниот стан во Москва.
Според руските медиуми, познатата спортистка се здобила со изгореници на околу 32 проценти од телото, а лекарите морале да извршат оперативен зафат.
Несреќата се случила вечерта на 8 ноември, кога Шурочкина се обидувала да дополни биокамин со гориво. Според првичните информации, дошло до ненадејно палење на запалливата течност, по што пламенот ја зафатил нејзината облека.
Спортистката успеала да излезе од станот и да повика помош. Соседите ги слушнале нејзините повици и веднаш реагирале, по што била пренесена во болница.
Поради сериозноста на повредите, таа била сместена на одделението за интензивна нега во московскиот Институт „Склифосовски“.
Според најновите информации од нејзината сестра, пејачката Њуша, состојбата на Шурочкина е стабилна, а лицето и главата не ѝ биле зафатени од изгорениците.
Марија Шурочкина е една од најуспешните руски спортистки во синхронизираното пливање. Таа освоила две олимписки злата, во Рио де Жанеиро во 2016 и Токио во 2021 година, како и 11 светски титули.
За своите спортски достигнувања била одликувана со Орденот на пријателството од рускиот претседател Владимир Путин.







