ПРВ.мк
Свет

СМРТНАТА КАЗНА ПРЕДИЗВИКА НОВИ КОНТРОВЕРЗИИ: Постапката траела 63 минути, затвореникот плачеше од болка!

СМРТНАТА КАЗНА ПРЕДИЗВИКА НОВИ КОНТРОВЕРЗИИ: Постапката траела 63 минути, затвореникот плачеше од болка!

Извршувањето на смртната казна над Рејналд Деннес во американската сојузна држава Тексас траело повеќе од еден час, откако затворскиот персонал се соочил со проблеми при спроведувањето на постапката. Случајот повторно го отвори прашањето за начинот на кој се извршуваат смртните казни во САД, пренесува CNN.

Според информациите објавени од медиумот, постапката траела вкупно 63 минути од моментот кога Деннес бил врзан до нејзиното завршување. Во текот на процесот, тој се жалел на болка, додека затворските службеници тврделе дека ги следеле пропишаните протоколи.

Во својата завршна изјава, Деннес им се обратил на блиските, кажувајќи дека се чувствува благословен поради љубовта и поддршката што ги добивал во текот на изминатите 30 години. Потоа му се обратил на управникот на затворот.

Постапката била завршена во 19:07 часот, а лекар ја констатирал смртта една минута подоцна.

Портпаролката на затворот, Аманда Хернандез, потврдила дека пред успешното поставување на иглите имало неколку неуспешни обиди. Според неа, медицинскиот тим на крајот успеал да ги постави на левото стапало и на левата страна од вратот на Деннес.

Хернандез не можела да го посочи точниот број на обиди, но нагласила дека постапувањето на медицинскиот тим било во согласност со државните протоколи.

Таа, исто така, изразила сомневање дека затвореникот можеби ги преувеличувал своите жалби за болка, бидејќи се пожалил и пред да започне примената на лекот, како и на места каде што немало поставени игли. Портпаролката посочила дека вакви ситуации не се првпат да се случуваат во затворот.

Случајот доаѓа во период кога во САД повторно се отвора дебатата за смртната казна, особено по неуспешниот обид за погубување на Криста Пајк во Тенеси во септември. Таа преживеала по две дози пентобарбитал, лек кој се користи при извршување на смртни казни, а нејзините адвокати тврделе дека препаратот можеби не бил правилно внесен во крвотокот.

Деннес беше осуден за убиство на трговец со дијаманти

Рејналд Деннес бил осуден за тешко убиство на Јанош Шуч, трговец со дијаманти, кој во јануари 1996 година бил пронајден мртов во својата канцеларија во Хјустон, со повеќе прострелни рани. Деннес, кој работел како дизајнер на накит, имал канцеларија во истата зграда.

За време на судскиот процес, хигиеничарката сведочела дека, по барање на Деннес, ја отклучила задната врата од зградата, со што му овозможила на него и на неговиот брат да влезат. Според сведочењето, таа потоа, следејќи ги нивните инструкции, го одвлекла вниманието на чуварот, кој бил застрелан двапати, но преживеал. Чуварот подоцна го идентификувал Деннес како напаѓач.

Во канцеларијата на Шуч бил пронајден празен сеф. Дијамантите и околу 200.000 долари во готовина, за кои се тврдеше дека ги чувал трговецот, никогаш не биле пронајдени. Адвокатите на Деннес во подоцнежните фази тврделе дека нема доволно докази за да се потврди дека тој го извршил убиството.

Неговиот брат, Хозе Алберт Деннес, една година по пресудата признал вина за убиството во истиот случај и бил осуден на 45 години затвор. Во 2019 година бил пуштен на условна слобода.

На извршувањето на смртната казна присуствувала и Џенис Коупленд, сопругата на чуварот Дејвид Коупленд, кој бил ранет во нападот и починал пред пет години.

„Дејвид секогаш мислеше дека Рејналд ќе го надживее. За жал, беше во право“, изјавила таа.

„Конечно, по 30 години, правдата е задоволена“, додала Џенис Коупленд.