Основното јавно обвинителство Охрид поднесе обвинителен предлог против две физички лица и две правни лица по трагичниот случај во кој работникот Кристијан Љушев го загуби животот на градилиште во зграда во изградба. Несреќата се случила на 12 јануари, кога работникот паднал во лифтовско окно и починал на местото.
Обвинетите се товарат за повеќе кривични дела поврзани со загрозување на општата сигурност, предизвикување општа опасност, повреда на правата од работен однос и непреземање мерки за заштита при работа.
Во утринските часови на денот на несреќата, четворица работници ангажирани од второто обвинето правно лице пристигнале во објектот со задача да пренесат дел од мебелот. При движењето низ зградата, на четвртиот кат, Љушев се сопнал од кофа оставена во неуредниот ходник, по што изгубил рамнотежа и паднал во отворот за лифт.
Падот го одвел до подрумските простории, каде што се здобил со повреди од кои починал.
Според наводите во истрагата, првообвинетиот, кој бил одговорно лице во фирмата-инвеститор на објектот, не ги почитувал техничките правила и обврски предвидени со Законот за градење. Лифтовското окно било оставено без заштитна ограда, скалите немале огради за спречување падови, а влезот во зградата не бил обезбеден од пристап на неовластени лица.
Истрагата утврдила и сериозни прекршувања на работничките права од страна на фирмата која ги ангажирала работниците, како и на нејзиниот управител. Починатиот Кристијан Љушев бил ангажиран без да има формално пријавен работен однос, без договор за вработување и без претходно да помине здравствен преглед.
Дополнително, тој не добил обука, ниту соодветни упатства за безбедност и здравје при работа, иако бил ангажиран за задачи во услови со зголемен ризик. Работел како помошник-монтер, а задачите ги извршувал по усни налози од управителот, без претходна процена на опасностите на градилиштето.
Обвинителот до Основниот суд во Охрид доставил и предлог за забрана на статусни промени на двете правни лица, со цел да се спречи евентуално отуѓување на имотот во текот на судската постапка.







