За време на вчерашното судење за убиството на двегодишната Данка Илиќ, вниманието го привлекоа и деталите што обвинетите Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ ги изнесоа зборувајќи за потрагата по исчезнатото девојче. Додека Јанковиќ тврдеше дека на 26 март 2024 година, на повик на директорот, заедно со колегите учествувал во потрагата по Данка, Драгијевиќ раскажа дека за време на престојот во притвор повеќепати ја водел полицијата на терен, меѓу другото и во близина на Сумраковац, за да покаже каде, според претходните искази, го оставил детето.
Данка Илиќ исчезна на 26 март во Бањско Поле, а според наводите на обвинението, Драгијевиќ и Јанковиќ кобниот ден, додека биле во службено возило на ЈКП „Водовод“, го удриле девојчето, потоа го внеле во автомобилот и го усмртиле, по што нејзиното тело го оставиле на депонија, а подоцна го преместиле на непозната локација. Двајцата по апсењето во полиција го признаа злосторството, но подоцна пред обвинителството ги сменија исказите и ја негираа вмешаноста во исчезнувањето и убиството на детето.
Истото го сторија и на вчерашното судење.
Покрај тоа што го негираа делото и детално ја опишаа тортурата за која тврдат дека ја преживеале, Јанковиќ пред судскиот совет зборуваше за тоа како кобниот ден се нашол во Бањско Поле, токму во времето кога траела потрагата по двегодишното девојче. Според неговите зборови, во потрагата се вклучил по повик од директорот на претпријатието во кое работел, а со него имало уште колеги.
– Учествував во потрагата по детето на 26 март 2024 година на повик на директорот на „Водовод“ каде што работевме, со колегите зборував дека тој ден со Дејан бев во Бањско Поле токму таму каде што се трагаше по детето – раскажа Јанковиќ.
Тој при изнесувањето на одбраната повтори дека не спори оти тој и Драгијевиќ кобниот ден се движеле низ Бањско Поле, но негираше дека ја виделе Данка или дека ја удриле со службениот автомобил. Рече дека на почетокот го признал злосторството затоа што „преживеал морничава тортура од страна на полициските службеници на ПУ Бор“.
Од друга страна, Драгијевиќ, кој исто така го негираше делото, пред судот изнесе детали за тоа што, според неговите тврдења, се случувало за време на истрагата и потрагата по девојчето. Тој првично раскажа дека го признал делото само под притисок, но наведе и дека полициски службеници го посетувале и додека бил во притвор и барале од него да пишува изјави и да црта локации на кои наводно го оставил телото на детето.
– Додека бев во притвор, кај мене доаѓаа службени лица кои ја вршеа истрагата и бараа да нацртам, да напишам изјави и да кажам каде сум го оставил детето. Јас тоа не го сакав, бидејќи како да кажам и да напишам кога ништо не сум направил и кога не знам. Но, ме тераа и доаѓаа постојано и велеа: „Пишувај, пишувај“. И јас цртав каде е детето и потпишував изјави и ја водев полицијата да покажам каде сум го оставил детето на места кои први ми паѓаа на памет – раскажа Драгијевиќ.








