Центарот за безбедност на полската влада утрово издаде предупредување за опасност од воздушен напад за делови од Лублинското и Поткарпатското Војводство, повикувајќи ги жителите да пронајдат безбедно место и да постапуваат според упатствата на надлежните служби.
Како што пренесе агенцијата ПАП, предупредувањето се однесува на повеќе окрузи во двете војводства, вклучувајќи ги Лублин, Замошќ, Хелм, Жешов, Пшемисл, Санок и Кросно.
Во пораката упатена до жителите е наведено да пронајдат безбедно место, да ги следат упатствата на службите и да очекуваат понатамошни известувања.
Полската агенција за воздушна пловидба (ПАНСА) соопшти на платформата „Икс“ дека поради активности на воената авијација е запрен воздушниот сообраќај на аеродромот во Жешов.








