Мајка е осудена на затворска казна, заедно со нејзиниот партнер, по смртта на нејзината двегодишна ќерка, во чие шишенце со млеко била пронајдена „смртоносна количина“ кокаин.
Итните служби биле повикани на адреса во Билингем во април 2024 година, по пријава дека девојчето Лајла Хеч престанало да дише.
Нејзината мајка Џоди Хеч (22) и нејзиниот партнер Дејли Матис (30) првично ги негирале двете обвиненија за злоставување деца, кои се однесувале на Лајла и на уште едно дете.
За време на судењето пред судот во Тисајд, тие го промениле својот исказ и ја признале вината, а казните им биле изречени во понеделникот.
Токсиколошкиот извештај покажал дека во детското шишенце со млеко се наоѓала смртоносна количина кокаин, а оваа дрога била пронајдена и во нејзината крв, содржината на желудникот и во прамени од косата.
Главниот детективски инспектор Крис Прингл од полицијата во Кливленд изјавил дека во куќата била пронајдена голема количина од оваа дрога, како и канабис.
Парот ја признал вината за поседување дрога од класа А со намера за нејзина натамошна дистрибуција. Џоди Хеч исто така ја признала вината за вмешаност во дистрибуција на дрога од класа Б и е осудена на пет години и четири месеци затвор.
Матис, на кого истовремено му била изречена казна и за посебно кривично дело насилничко однесување во врска со напад од септември, е осуден на 13 години затвор.
Прингл истакнал дека дрогите пронајдени во куќата биле „лесно достапни за малите деца“, поради што тоа било „исклучително опасно опкружување“.







