Британскиот премиер Енди Барнам испрати јасна порака до Москва од Берлин, нагласувајќи дека Европа е подготвена да учествува во мировните преговори за Украина, но нема да дозволи Русија еднострано да ги диктира условите.
По состанокот на „Коалицијата на подготвените“, Барнам изјави дека европските земји имаат единствен став за завршување на војната и за идната безбедност на континентот.
„Европа има јасна, доследна и единствена преговарачка позиција. Не може агресорот да поставува широки и нереални безбедносни барања“, порача британскиот премиер.
Тој нагласи дека разговорите за новиот европски безбедносен поредок можат да започнат дури откако Украина и Русија ќе постигнат мировен договор.
Состанокот во Берлин се одржа во период на засилени дипломатски активности, по средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин во Кина.
Европските лидери настојуваат да обезбедат активно учество во преговорите, особено откако претходните разговори меѓу Киев и Москва во Абу Даби се одржаа без нивно директно присуство.
Барнам потврди дека Велика Британија ќе продолжи со воената поддршка за Украина, вклучувајќи испорака на 1.000 беспилотни летала со долг дострел и брзи воени чамци, во соработка со Норвешка.
„Нашата посветеност останува и ќе продолжи. Се надевам дека оваа порака многу јасно ќе се слушне во Москва“, истакна Барнам.
Британскиот премиер порача дека европските сојузници ќе останат покрај Украина сè додека е потребно, нагласувајќи дека заедничката цел е постигнување праведен и траен мир.
Според заедничкото соопштение од Берлин, европските лидери остануваат посветени на дипломатските напори, безбедносните гаранции за Украина и продолжувањето на поддршката за Киев.







