ПРВ.мк
Македонија

ЗАКОНОТ ПРЕДВИДУВА ДРЖАВАТА ДА ЈА ПЛАЌА СТРУЈАТА: Како УКИМ натрупал долг од половина милион евра?

ЗАКОНОТ ПРЕДВИДУВА ДРЖАВАТА ДА ЈА ПЛАЌА СТРУЈАТА: Како УКИМ натрупал долг од половина милион евра?

Четири факултети и Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на 18 ноември останаа без електрична енергија поради неплатени сметки, иако Законот за високото образование предвидува комуналните трошоци на јавните универзитети целосно да се надоместуваат од државниот буџет.

Според медиумските информации, долгот кон ЕВН изнесува околу 500.000 евра, а случајот отвори прашања за начинот на финансирање и навременото подмирување на обврските.

Без струја останаа Машинскиот факултет, Факултетот за електротехника и информациски технологии, Природно-математичкиот факултет, Факултетот за земјоделски науки и храна и зградата на Ректоратот.

Снабдувањето беше обновено по неколкучасовен прекин, но, според објавените информации, установите добиле рок до петок, 20 ноември, да ги подмират долговите.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска потврди дека постојат заостанати обврски, но увери дека проблемот ќе биде надминат со средствата обезбедени преку ребалансот на Буџетот за 2026 година.

„Точно е дека има долгови за електрична енергија, меѓутоа, долговите редовно ги сервисираме и длабоко сум убедена дека нема да имаме ваков проблем“, изјави Јаневска.

Според член 123, став 5 од Законот за високото образование, тековните трошоци на јавните високообразовни установи, вклучително и комуналните услуги, во целост се надоместуваат од Буџетот.

Сепак, засега не е разјаснето дали долгот настанал поради недоволно планирани средства, доцнење на исплатите или други финансиски пропусти.

Дополнително, дел од факултетите самостојно ги подмирувале сметките за електрична енергија.

Иако министерката најави дека нема да има нови исклучувања, сè уште нема јавно потврдена информација дека целиот долг е исплатен.

Останува отворено прашањето како се натрупале обврски од половина милион евра за трошоци што, според законот, треба да бидат покриени од државниот буџет.