Пензионерите, студентите, невработените и другите граѓани кои сакаат дополнителни приходи имаат можност легално да бидат ангажирани на сезонска работа, без да го изгубат претходно стекнатиот статус, изјави заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.
Тој посочи дека Законот за сезонски работници, кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година, овозможува регулиран работен ангажман, со соодветно пензиско и здравствено осигурување и исплата според реално одработените часови.
„Ова не е закон направен за една година“, нагласи Ристески, објаснувајќи дека ефектите треба да се оценуваат на подолг рок.
Бидејќи досегашните резултати не ги исполнуваат очекувањата, институциите ќе започнат поинтензивна информативна кампања преку медиумите, стопанските комори, работодавачите и синдикатите.
Законот опфаќа три области: земјоделство, угостителство и услуги во домаќинството, а ангажирањето се спроведува преку Агенцијата за вработување.
Ристески се осврна и на можноста Германија да го намали бројот на работници што ги прима од Западен Балкан, нагласувајќи дека интерес на Македонија е младите и работоспособните граѓани да останат и да работат во земјата.
Тој најави и подготовка на нов Закон за работни односи, кој треба да овозможи пофлексибилно вработување, со истовремена заштита на работничките права.
Паралелно се подготвува и нов Закон за странци, со кој треба да се поедностават процедурите за ангажирање странска работна сила.
Директорката на Германско-македонската стопанска комора, Антје Ванделт, оцени дека законското решение за сезонски работници претставува важен чекор кон европските стандарди, особено доколку неговата примена биде едноставна и дигитализирана.







