Сè почестите и поинтензивни шумски пожари и топлотни бранови би можеле сериозно да ги загрозат глобалните напори за подобрување на квалитетот на воздухот, предупредува Светската метеоролошка организација (СМО).
Во својот годишен извештај за квалитетот на воздухот и климата, организацијата посочува дека климатските промени и загадувањето на воздухот се тесно поврзани и дека нивното одделно решавање нема да биде доволно.
Од СМО предупредуваат дека исполнувањето на препораките на Светската здравствена организација за квалитетот на воздухот ќе станува сè потешко, особено поради очекувањата за почести екстремни шумски пожари.
Иако во многу развиени земји емисиите од индустријата и транспортот се намалуваат, пожарите стануваат сè позначаен извор на штетни честички во атмосферата.
Научникот од СМО, Лоренцо Лабрадор, предупредува дека дури и градовите и регионите со релативно чист воздух можат да почувствуваат сериозни последици доколку често се изложени на чад од големи шумски пожари.
Посебно внимание се посветува на PM2.5 честичките и приземниот озон, чие присуство се поврзува со респираторни и кардиоваскуларни заболувања.
Според студија наведена во извештајот, екстремните пожари и опасниот чад на глобално ниво се зголемиле тројно од 1990-тите години, а се проценува дека во периодот од 2010 до 2018 година можеби придонесувале за речиси 100.000 дополнителни смртни случаи годишно.
СМО бара и подобро следење на загадувачите и аеросолите во атмосферата, меѓу кои црниот јаглерод и микропластиката, бидејќи сегашното ниво на мониторинг сè уште е недоволно.
Екстремните горештини и големите пожари годинава погодија повеќе делови од Европа, меѓу кои Шпанија, Франција и Грција. Според СМО, екстремната топлина станува почеста, поинтензивна и подолготрајна со затоплувањето на планетата.
Во 2025 година, концентрациите на PM2.5 биле над долгорочниот просек во северна Канада, делови од Русија и западно-централна Африка, главно поради зголемената активност на шумските пожари.
Експертите предупредуваат дека чадот од пожарите е особено проблематичен бидејќи содржи голем број токсични соединенија, а неговото вдишување може да предизвика воспалителни процеси во организмот и да го зголеми ризикот од белодробни заболувања.








