ПРВ.мк
Свет

Опасна болест се шири со голема брзина: Нема доволно болнички кревети, расте бројот на починати

Опасна болест се шири со голема брзина: Нема доволно болнички кревети, расте бројот на починати

Епидемијата на денга во Бангладеш забрзано се шири, а болниците се соочуваат со сè поголем прилив на пациенти. Од почетокот на годината поради оваа болест биле хоспитализирани 42.590 лица, а регистрирани се 117 смртни случаи.

Само во последните 24 часа починале најмалку четири лица, додека уште 1.558 пациенти биле примени во болница, што е најголем број нови хоспитализации во еден ден од почетокот на годината.

Денгата е вирусна болест што се пренесува преку комарци и може да предизвика висока температура, силни главоболки и сериозни компликации.

Здравствените експерти предупредуваат дека септември би можел да биде уште потежок. Професорот Кабирул Башар, медицински ентомолог од Универзитетот „Јахангирнагар“, предупредува дека доколку продолжи сегашниот тренд, бројот на хоспитализирани само во текот на овој месец би можел да надмине 30.000 лица.

„Врвот на епидемијата сè уште не е достигнат. Ако продолжи сегашниот тренд, септември би можел да биде најтешкиот месец во годината кога станува збор за денгата“, предупреди Башар.

Недостигаат болнички кревети

Ситуацијата дополнително ја отежнува недостигот на слободни кревети. Триесет и двегодишниот Захид Хасан раскажал дека неговиот четиригодишен син добил висока температура и му била дијагностицирана денга.

Откако состојбата на детето се влошила, таткото го однел во три државни болници, но никаде немало слободен кревет. На крајот успеал да најде место во приватна болница.

Лекарите предупредуваат дека состојбата на пациентите може нагло да се влоши откако температурата ќе се намали. Можни се сериозни компликации, меѓу кои пад на крвниот притисок, шок и тешко крвавење.

„Пациентите ги преплавуваат болниците, а предупредувачките знаци како болки во стомакот, вртоглавица и необична летаргија не смеат да се игнорираат“, предупредува професорот Тарек Алам, лекар кој лекува пациенти со денга во Дака.

Заразата се проширила низ целата земја

Случаи на денга веќе се регистрирани во сите 64 окрузи во Бангладеш, иако најголем број заболени и натаму има во главниот град Дака.

Експертите посочуваат дека ширењето на комарците од видот Aedes надвор од големите градови придонесува заразата сè повеќе да навлегува и во помалите населени места и руралните области.

Властите поради тоа ги засилија превентивните активности и ги повикаа граѓаните да ја отстрануваат застоената вода и другите места погодни за размножување на комарците.

Дополнителен проблем е што здравствениот систем истовремено се соочува и со епидемија на морбили, што создава уште поголем притисок врз болниците и медицинскиот персонал.