ПРВ.мк
Црна Хроника

Зад „летниот камп“ се крие мрачна приказна: Документ на ЕУ открива морничави детали

Зад „летниот камп“ се крие мрачна приказна: Документ на ЕУ открива морничави детали

Нов документ на Европската Унија за планираниот пакет санкции против Русија содржи сериозни обвинувања поврзани со трансферот на украински деца од окупираните територии во камп во Северна Кореја.

Меѓу лицата и организациите предложени за санкционирање се наоѓа и Меѓународниот детски камп „Сонгдовон“, управуван од севернокорејските власти.

Според наводите во документот, кампот учествувал во организирани програми преку кои украински деца од територии под руска окупација биле префрлани во Северна Кореја.

Трансферите, како што се наведува, биле координирани од руски претставници и формално биле претставувани како „културна размена“. Но, документот тврди дека програмите имале и поширока пропагандна функција, при што децата биле изложувани на внимателно избрани проруски наративи.

Во документот се изнесуваат и обвинувања дека кампот бил вклучен во незаконски трансфер, идеолошка индоктринација и милитаризација на украински деца, во координација со Русија.

Кампот „Сонгдовон“ се наоѓа на источниот брег на Северна Кореја, покрај Јапонското Море. Отворен е во 1960 година и официјално бил претставуван како место за промовирање на меѓународното пријателство.

Велика Британија веќе воведе санкции

Велика Британија уште во мај воведе санкции против кампот поради наводна поддршка на рускиот систем за присилно префрлање и „преобразование“ на украинските деца.

Северна Кореја потоа го повлече својот амбасадор од Лондон и го намали нивото на дипломатските односи.

Прашањето за украинските деца веќе е дел и од постапувањето на Меѓународниот кривичен суд. Судот претходно издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин во врска со наводното незаконско депортирање и префрлање деца од окупираните украински територии.

Не е единствениот „летен камп“

На предложениот список на санкции на ЕУ се наведуваат и други таканаречени летни кампови во Русија и на окупираните територии на Украина.

Според наводите на ЕУ, децата кои биле носени во ваквите центри биле изложувани на програми насочени кон лојалност кон Русија, прифаќање руски национален идентитет и вредности, како и активности поврзани со воено-патриотски организации.

Европската Унија оценува дека ваквите трансфери претставуваат сериозно кршење на меѓународното право и основните права на децата, а посебна загриженост предизвикуваат тврдењата дека преку ваквите програми се настојува да се потисне нивниот украински идентитет.