ПРВ.мк
Свет

Шест земји од ЕУ бараат решение за високите цени на горивата – нафтените компании под притисок

Шест земји од ЕУ бараат решение за високите цени на горивата – нафтените компании под притисок

Ескалацијата на кризата на Блискиот Исток и ограничувањата во испораките на нафта преку стратешкиот Ормуски Теснец предизвикаа силен ценовен удар на енергетските пазари. Поради растечките цени на горивата, шест земји-членки на Европската Унија бараат заеднички европски одговор.

Германија, Шпанија, Португалија, Италија, Полска и Австрија предлагаат воведување заеднички данок на вонредната добивка на нафтените компании, со цел дел од товарот од поскапувањата да не падне исклучиво врз граѓаните и стопанството.

Министерствата за финансии на шесте држави испратиле заедничко писмо до ирското претседателство со Советот на ЕУ, барајќи прашањето итно да биде разгледано на следниот состанок на ЕКОФИН.

Во писмото се предупредува дека Европа се соочува со еден од најголемите шокови во снабдувањето во последните децении, додека истовремено расте незадоволството на граѓаните поради зголемените животни трошоци.

Особено внимание привлекува разликата меѓу растот на цената на суровата нафта и поскапувањето на горивата. Според податоците наведени од министрите, суровата нафта поскапела за околу 25 проценти од почетокот на конфликтот, додека дизелот во Европа поскапел за повеќе од 70 проценти, а бензинот за околу 20 проценти.

Шесте држави сметаат дека ваквата состојба им овозможува на дел од нафтените и рафинериските компании да остваруваат значително повисоки профити и бараат дел од вонредната заработка да биде оданочен.

Европската комисија посочува дека земјите-членки и сега имаат можност самостојно да воведуваат вакви даноци на национално ниво, додека Брисел може да помогне во координацијата меѓу државите.

ЕУ веќе примени сличен механизам за време на енергетската криза во 2022 година, кога беше воведен привремен солидарен придонес со минимална стапка од 33 проценти за одредени екстра профити.

Сега шесте земји бараат поширока и построга европска рамка, која би можела да ги опфати и профитите што мултинационалните нафтени компании ги остваруваат надвор од земјите во кои се регистрирани.

Португалија веќе направи чекор во таа насока со предлог за данок од 33 проценти на неочекуваната добивка на нафтените и рафинериските компании.

Доколку иницијативата добие поширока поддршка, Европската Унија би можела повторно да посегне по вонредно оданочување на енергетскиот сектор како една од мерките за ублажување на ударот од високите цени на горивата.