НАТО испрати порака за состојбата на Западен Балкан по погребот на Ратко Младиќ, нагласувајќи дека Алијансата останува цврсто посветена на стабилноста во регионот и дека нема да дозволи повторно создавање безбедносен вакуум, објави „4news.mk“.
Функционер на НАТО, кој зборувал под услов да остане анонимен, истакнал дека пресудата на Хашкиот трибунал против Младиќ придонела за почитување на владеењето на правото и за изведување на одговорните за воени злосторства пред лицето на правдата.
„Пресудата на Трибуналот на ОН против Ратко Младиќ помогна во почитувањето на владеењето на правото и во изведувањето на одговорните за воени злосторства пред лицето на правдата. Генералот Младиќ беше одговорен за ужасни злосторства против цивили, вклучително и убиството на илјадници босански мажи и момчиња во Сребреница во 1995 година“, изјавил функционерот.
Младиќ беше погребан во семејната гробница на гробиштата Топчидер во Белград, а на погребот присуствуваа и претставници од политичкиот живот во Србија и Република Српска.
Од НАТО не го коментирале директно самиот погреб, но потсетиле на улогата што Алијансата ја има во регионот повеќе од две децении.
„НАТО помогна да се стави крај на едно од најтемните поглавја во европската историја и придонесува за градење трајна безбедност на Западен Балкан повеќе од две децении“, истакнал функционерот.
Од Алијансата посочуваат дека регионот останува од големо стратешко значење и дека нивната посветеност кон неговата стабилност останува непроменета.
„Западен Балкан е регион од стратешко значење за нашата Алијанса. Нашата посветеност на регионалната стабилност е силна и нема да дозволиме повторно да се појави безбедносен вакуум“, порачал функционерот на НАТО.







