ПРВ.мк
Црна Хроника

Хорор во Париз: Аргентински репрезентативец застрелан по расправија – обвинета и 29-годишна девојка

Хорор во Париз: Аргентински репрезентативец застрелан по расправија – обвинета и 29-годишна девојка

Повеќе од четири години по убиството на поранешниот аргентински рагби-репрезентативец Федерико Арамбуру, во Париз започна судењето за случајот што ја потресе француската и аргентинската спортска јавност.

Арамбуру имал 42 години кога во март 2022 година бил застрелан по расправија во близина на булеварот „Сен Жермен“ во француската престолнина.

За убиството и обидот за убиство се обвинети двајца поранешни членови на крајнодесничарската група ГУД, како и поранешната девојка на еден од нив.

Според обвинителството, 32-годишниот Лоик Ле Приол ги испукал смртоносните куршуми и е обвинет за убиство. Неговиот соработник, 35-годишниот Ромен Бувие, исто така пукал за време на инцидентот и се товари за обид за убиство.

На обвинителната клупа е и 29-годишната Лисон Рошемир, тогашна девојка на Ле Приол, која исто така се товари за обид за убиство.

Според истрагата, Арамбуру и неговиот пријател и поранешен рагбист Шон Хегарти биле на пијалак на терасата на кафулето „Мабијон“. Во близина седеле Ле Приол, Бувие и Рошемир.

Меѓу двете групи избила расправија која набргу прераснала во физичка пресметка. Снимките од надзорните камери, кои биле анализирани во текот на истрагата, го регистрирале конфликтот, по што интервенирало обезбедувањето.

Но, според обвинителството, пресметката продолжила и на улицата. Најпрво пукал Бувие, а потоа и Ле Приол, поранешен командос и член на сега распуштеното ултрадесничарско движење ГУД. Токму Ле Приол е осомничен дека ги испукал куршумите кои биле фатални за Арамбуру.

Неколку дена подоцна Ле Приол бил уапсен на унгарско-украинската граница. Според информациите од истрагата, на полицијата ѝ рекол дека патува во Украина за да се бори по руската инвазија.

Рошемир била уапсена во Париз истиот ден, додека Бувие бил приведен неколку дена подоцна во регионот Сарт.

Федерико Арамбуру по завршувањето на професионалната кариера живеел во Бијариц. Во текот на кариерата настапувал за Перпињан, Бијариц и Дакс во Франција, како и за Глазгов Вориорс.

За репрезентацијата на Аргентина одиграл 22 натпревари во периодот од 2004 до 2009 година.