ПРВ.мк
Свет

Нов скандал: Уапсена легендата на Формула 1 – кај 95-годишниот Еклстоун повторно пронајдено оружје

Нов скандал: Уапсена легендата на Формула 1 – кај 95-годишниот Еклстоун повторно пронајдено оружје

Поранешниот прв човек на Формула 1, Берни Еклстоун, повторно се најде во центарот на вниманието поради проблем со оружје. 95-годишниот Британец бил задржан во Португалија откако при рутинска контрола била пронајдена пушка, што е втор сличен инцидент во последните четири години.

Според пишувањето на португалскиот „Correio da Manhã“, Еклстоун пристигнал со приватен авион на аеродромот Тиреш во Кашкаиш, во близина на Лисабон. При контролата надлежните служби пронашле пушка, по што тој бил задржан.

Засега не е целосно разјаснето која институција го спровела постапувањето. Од португалската полиција соопштиле дека нивните службеници за гранична контрола не го извршиле апсењето што им се припишува, посочувајќи дека случајот се однесува на постапување на португалската Даночна и царинска управа.

Сличен случај и во Бразил

Ова не е првпат Еклстоун да има проблем поради оружје на аеродром. Во 2022 година, при контрола во Бразил, во неговиот багаж бил пронајден пиштол.

Тогаш Еклстоун признал дека оружјето било негово, но тврдел дека не знаел дека се наоѓа во багажот. По плаќање кауција бил пуштен на слобода и му било дозволено да отпатува за Швајцарија.

Подоцна објаснил дека пиштолот го купил во Бразил бидејќи му било кажано дека може да му послужи за заштита во случај на грабеж.

По најновиот случај во Португалија сè уште не е познато дали против 95-годишниот Еклстоун ќе биде покренато обвинение или дали ќе биде изведен пред судија.

Берни Еклстоун е една од највлијателните личности во историјата на Формула 1 и со децении имаше клучна улога во нејзиниот развој во глобален спортски и комерцијален бренд.