Нови неофицијални информации излегуваат во јавноста за убиството на 26-годишниот А.М. во Скопје, кој беше застрелан откако две лица на мотоцикл отвориле оган кон група од петмина.
Според информациите што ги објави Телма, осомничениот за пукањето наводно е лице кое издржува затворска казна, а во моментот на нападот било пуштено на викенд. По него во моментов се трага.
Пукањето се случило околу 23:30 часот во близина на раскрсницата на улиците „Прохор Пчински“ и „Војдан Чернодрински“, на само неколку метри од Полициската станица Бит Пазар.
Според официјалните информации од МВР, Д.Г. (29), А.Џ. (24), К.Б. (36), Е.Б. (25) и А.М. (26), сите од Скопје, стоеле пред излог на фирма кога пред нив застанал мотоцикл со две лица.
Од мотоциклот било пукано со огнено оружје кон групата, по што напаѓачите побегнале. Еден од проектилите го погодил 26-годишниот А.М.
Тешко повредениот со возило на Итната медицинска помош бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што лекарите се обиделе да му го спасат животот, но тој подоцна им подлегнал на повредите.
Од Обвинителството информираат дека бил извршен увид, прибрани се траги кои ќе бидат предмет на вештачење и издадена е наредба за обдукција. Паралелно се преземаат и други истражни дејствија за обезбедување докази.
Телма неофицијално објави дека првичните сознанија упатуваат на можност зад убиството да стои пресметка меѓу криминални групи поврзани со трговија со дрога.
Во неофицијалните информации се споменува и криминалната група „Беланоца“, но евентуалната поврзаност со неа сè уште се проверува и за тоа засега нема официјална потврда.
Според истиот извор, убиениот 26-годишник бил од Топанско.
Полицијата и Обвинителството продолжуваат со истрагата, а официјално сè уште не се соопштени мотивот за убиството и идентитетот на осомничениот.







