Нов инцидент поврзан со ескалаторите е забележан денеска во трговскиот центар „Веро Џамбо“ во Скопје, каде што испукало стаклото на заштитната ограда покрај еден од ескалаторите.
Според информациите и фотографиите што ги објави „Скопје Инфо“, стаклениот панел бил сериозно оштетен и распукан по поголем дел од неговата површина.
Читател кој во моментот се наоѓал во трговскиот центар тврди дека стаклото испукало непосредно пред него. Во објектот во тој момент имало и други посетители, а набргу по инцидентот ескалаторот бил затворен за користење.
Засега не е познато што го предизвикало пукањето на стаклото, односно дали станува збор за механички дефект, надворешно оштетување или друга причина. Нема информации за повредени лица.
Ова не е прв инцидент поврзан со ескалаторите во „Веро Џамбо“. Пред неколку месеци на социјалните мрежи беше објавено видео на кое се гледаше оштетување на металните скали на еден од ескалаторите, откако дел од механизмот ненадејно попуштил во присуство на посетители.
И во тој случај немаше информации за повредени.
Последниот инцидент повторно го отвора прашањето за безбедноста и одржувањето на ескалаторите и останатата опрема во објектите низ кои секојдневно поминуваат голем број граѓани.
Засега нема официјално објаснување за причината за пукањето на стаклото.







