Прилепскиот регион се соочува со зголемен ризик од појава и ширење заразни болести поради недоволниот опфат со имунизација. Иако процентот на вакцинирани во регионот е нешто повисок од државниот просек од 62 отсто, тој и натаму е далеку од потребните 95 проценти, предупредуваат од Центарот за јавно здравје во Прилеп, објави „4news.mk“.
Според епидемиологот д-р Татијана Станимировиќ, меѓу главните причини се недовербата кон вакцините, ширењето дезинформации, но и сериозниот недостиг на медицински кадар.
Недостигаат лекари, медицински и патронажни сестри, поради што пунктовите за вакцинација работат само во една смена. Теренската вакцинација и викенд-дежурствата, кои порано се практикувале, повеќе не се спроведуваат.
Дополнителен проблем е комуникацијата со родителите. Повикувањето за вакцинација најчесто се врши преку СМС-пораки, со што се намалува можноста за непосреден разговор, советување и едукација.
Особено внимание се посветува на МРП-вакцината, каде, според епидемиолозите, проблемот често не е целосното одбивање, туку одложувањето на вакцинацијата. Поради стравови и дезинформации поврзани со психомоторниот развој, дел од родителите ја одложуваат имунизацијата до третата или четвртата година од животот на детето.
Епидемиолозите предупредуваат и на можноста заразни болести да се прелеат од соседните земји, посочувајќи ги неодамнешната епидемија на пертусис и опасноста од појава на мали сипаници.
Како дел од решението се посочуваат поголема вклученост на матичните лекари, институционална борба против дезинформациите и итно кадровско зајакнување на тимовите задолжени за имунизација.
Според здравствените работници, постигнувањето висок опфат со вакцинација е важно не само за индивидуалната заштита на децата, туку и за намалување на ризикот од ширење заразни болести во целата заедница.







