ПРВ.мк
Црна Хроника

Го следеле, па пукале кон него: 27-годишен Македонец убиен во Берлин

Го следеле, па пукале кон него: 27-годишен Македонец убиен во Берлин

Македонски државјанин на возраст од 27 години е убиен во Берлин, Германија, откако кон него биле испукани повеќе куршуми. Според информациите што ги пренесуваат регионалните медиуми, жртвата потекнувала од Радуша.

Берлинската полиција официјално потврди дека кон 27-годишниот маж било пукано повеќепати. Тој се здобил со тешки повреди, а полицајците и екипите на Итната помош веднаш започнале со реанимација.

И покрај обидите да му го спасат животот, младиот човек починал на местото на настанот.

Според медиумските информации, двајца мажи го следеле 27-годишникот пред нападот, по што кон него биле испукани повеќе куршуми. Се наведува дека еден од проектилите го погодил во пределот на главата.

Напаѓачите веднаш по пукањето побегнале и германските власти сè уште трагаат по нив. Полицијата засега официјално не објавува информации за нивниот идентитет.

На местото на убиството бил извршен детален увид, а истражителите ги обезбедиле и анализирале пронајдените чаури. Според медиумските извештаи, при документирањето на местото бил користен и 3Д-скенер.

Истрагата ја презеде Петтата комисија за убиства при берлинската криминалистичка полиција, по налог на Обвинителството во Берлин.

Мотивот за убиството засега останува непознат, а истражителите утврдуваат дали во нападот биле вмешани и други лица.

Берлинската полиција во официјалното соопштение не го објавила идентитетот на жртвата, ниту дополнителни детали за можната заднина на убиството.