Бројот на области во светот во кои населението е изложено на сериозна опасност од глад се зголемил од 13 на 16, предупредија две агенции на Обединетите нации. Најтешка е состојбата во африканските земји, каде што конфликтите, раселувањето, економските проблеми и екстремните временски услови дополнително ја продлабочуваат кризата.
Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) и Светската програма за храна (WFP) соопштија дека Судан, Јужен Судан, Сомалија, северна Нигерија и Јемен се меѓу најзагрозените подрачја. Овие земји се соочуваат со најсериозни закани од глад, објави „Ројтерс“.
Во споредба со претходниот извештај, објавен во јуни, листата на жаришта е проширена. На неа сега се додадени Чад, Уганда, делови од јужна Африка и Централна Америка, додека Либан повеќе не е вклучен меѓу областите со највисок ризик.
Според анализата на двете агенции, вооружените конфликти и насилството се главните причини за недостигот од храна во 12 од вкупно 16 жаришта. Дополнителен проблем претставува наглото зголемување на цените на храната, енергијата и транспортот, поради што на населението му станува сè потешко да обезбеди основни прехранбени производи.
Во најновиот заеднички извештај, кој го опфаќа периодот од декември 2026 до мај 2027 година, ФАО и WFP предупредуваат и на намалувањето на средствата за хуманитарна помош. Според нив, недостигот од финансии ги ослабува напорите за спречување на најтешките последици од кризите со храна.
Високиот функционер на ФАО за вонредни состојби и отпорност, Конор Елиот, изјави дека помошта наменета за петте земји со најсериозни закани од глад се намалила за две третини во периодот од 2022 до 2025 година.
Тој предупреди дека намаленото финансирање не влијае само врз директната помош за населението, туку ги отежнува и собирањето и обработката на податоците неопходни за проценка на вистинските размери на кризата.
Дополнителен ризик претставува и климатскиот феномен Ел Нињо, кој е во развој. Агенциите предупредуваат дека тој може дополнително да ја влоши состојбата, предизвикувајќи суши и екстремно високи температури во јужна Африка и делови од Централна Америка.
Истовремено, делови од Источна Африка би можеле да бидат погодени од потенцијално разорни поплави, што дополнително би ги загрозило земјоделството, снабдувањето со храна и животот на локалното население.






