Случајот со 12-годишно девојче од бугарскиот град Монтана, кое неодамна се породило, повторно го отвори прашањето за малолетничките бремености и раното мајчинство во регионот.
Според информациите објавени во бугарските медиуми, девојчето веќе три години живеело со 16-годишното момче кое е татко на бебето. Поради неговата мала возраст, породувањето било извршено со царски рез.
Случајот предизвика големо внимание во бугарската јавност, особено поради податоците за бројот на малолетни девојчиња кои стануваат мајки. Минатата година во Бугарија биле регистрирани 208 мајки помлади од 15 години, додека околу 2.400 бебиња биле родени од девојчиња на возраст од 15, 16 и 17 години.
Слични појави се регистрираат и во Македонија. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека минатата година кај нас биле евидентирани 15 живородени деца од мајки помлади од 15 години.
Во 2024 година биле регистрирани 12 живородени деца од мајки на возраст под 15 години, како и 588 деца родени од мајки на возраст од 15 до 19 години.
И претходната година бројките покажувале загрижувачка појава – во 2023 година биле евидентирани 14 живородени деца од девојчиња помлади од 15 години.
Статистиката покажува дека малолетничкото мајчинство останува присутно и во Македонија, а секој од овие податоци отвора сериозни прашања за заштитата на децата, нивното образование, здравствената грижа и поддршката што им е потребна.




