Германски трговец со чамци е осомничен од европските истражни органи дека бил еден од главните снабдувачи на мрежите за криумчарење мигранти преку Ла Манш, открива Би-Би-Си.
Според документите до кои дошле новинарите, речиси една третина од преминувањата со мали чамци во првите четири месеци од годинава наводно биле реализирани со пловила или мотори набавени од „Маре буте“, мала компанија со седиште во Западна Германија.
Управниот директор на фирмата, 35-годишниот Марвин Ројтер, се противи на екстрадицијата во Франција, каде што би можел да се соочи со обвиненија за криумчарење мигранти, злосторничко здружување и ненамерно предизвикување смрт.
Истражителите се сомневаат дека опремата поврзана со неговата компанија била користена во два инцидента со фатален исход, во кои животот го загубиле четворица мажи.
Новинарите на Би-Би-Си го побарале Ројтер во неговата фирма во близина на Дортмунд и се обиделе да добијат одговори на прашањата поврзани со случајот. Тој, сепак, одбил да даде изјава, наведувајќи дека ќе ги пријави во полиција.
Ројтер засега не може официјално да биде обвинет сè додека не биде екстрадиран во Франција. Доколку му се суди и биде прогласен за виновен, би можел да добие затворска казна. Дотогаш важи презумпцијата на невиност.
Би-Би-Си, заедно со други медиуми, прибавил и анализирал стотици полициски, судски и даночни документи поврзани со истрагата. Фотографиите на Ројтер биле замаглени поради германските правила за заштита на приватноста.
Од истражувањето произлегува дека француските истражители сметаат оти постојат континуирани врски меѓу германскиот трговец и мрежите за криумчарење мигранти. Меѓу доказите се признанија на лица осомничени дека биле негови соучесници, тајни аудиоснимки направени во затворска ќелија со наводен водач на една од бандите, како и информации поврзани со двата обида за преминување на Ла Манш во кои имало загинати.
Според француските истраги, најмалку 82 чамци од компанијата на Ројтер стигнале до англискиот брег во период од нешто повеќе од две години, заклучно со мај годинава.
Постојат и новинарски фотографии направени пред пет години на кои се забележува логото на „Маре буте“ на гумени чамци преполни со мигранти.
Во 2021 година, Ројтер јавно изразил незадоволство поради тоа што неговите пловила завршувале во рацете на криумчарите. Тогаш изјавил дека се чувствува „фрустриран“ и „вознемирен“ од ваквата ситуација.
Во тој период немало информации дека властите се сомневаат во негово незаконско постапување. Германски детектив тогаш за британскиот весник „The Sun“ ја споредил ситуацијата со продажба на автомобил.
„Тоа би било исто како некој да купи ‘мерцедес’, а потоа во друга земја да направи нешто незаконско. Продавачот на ‘мерцедесот’ не може да биде одговорен за тоа“, изјавил детективот.
Засега не е познато кога точно полицијата започнала да се сомнева во Ројтер и неговата поврзаност со мрежите за криумчарење.
Францускиот обвинител Самуел Финиелц одбил да открива детали од истрагата, но потврдил дека раководител на германска компанија во моментов е предмет на европска потерница.






