САД и Иран во моментов не водат преговори за прекин на војната, а Вашингтон продолжува со силен економски притисок врз Техеран, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.
Во интервју за „Фокс њуз“, Ливит нагласи дека сите опции и понатаму „остануваат на маса“, додека главната цел на американскиот претседател Доналд Трамп е Иран да не дојде до нуклеарно оружје.
Таа посочи дека по воената операција „Епски бес“, Вашингтон сега ја спроведува операцијата „Економик ауткаст“, насочена кон засилување на економскиот притисок врз Иран.
Според Ливит, ваквата политика ќе продолжи сè додека Трамп не процени дека Техеран е подготвен да седне на преговарачка маса.
Дополнителен притисок најави и американскиот министер за финансии Скот Бесант, кој ги предупреди земјите ширум светот да ги прекинат финансиските врски со Иран или да ризикуваат секундарни санкции.
Во меѓувреме, дипломатските напори не се целосно запрени. Катарскиот премиер денеска престојува во Техеран во обид повторно да го активира дипломатскиот процес.








