ПРВ.мк
Македонија

Сериозен инцидент во Галичник: Во резервоар со вода за пиење намерно фрлале туѓи предмети

Сериозен инцидент во Галичник: Во резервоар со вода за пиење намерно фрлале туѓи предмети

Загриженост во Галичник предизвика инцидент со јавен резервоар за вода за пиење, кој го користат повеќе семејства. Според информациите од Месната заедница Галичник, во резервоарот намерно бил внесен дрвен материјал, коноп или друг туѓ предмет.

Од Месната заедница предупредуваат дека ваквото постапување е сериозно и недозволиво, бидејќи внесувањето туѓи материјали може да доведе до загадување или контаминација и да ја направи водата неупотреблива за пиење.

Фотографии од случајот веќе се доставени до надлежните институции, а најавено е дека во најкраток рок околу резервоарот ќе бидат поставени камери за видеонадзор. Во зависност од утврдените факти и евентуалните последици, од Месната заедница посочуваат дека може да следува и кривична одговорност.

Истовремено, поради сушниот период и потребата да се стабилизира водоснабдувањето, во Галичник се воведува ноќен прекин на водата од 21:00 до 06:00 часот.

Жителите и посетителите се повикуваат водата да ја користат рационално и само за неопходни потреби, како и да избегнуваат полевање дворови и друга непотребна потрошувачка.

Од Месната заедница апелираат и на поголема одговорност за заштита на резервоарите и квалитетот на водата за пиење.