ПРВ.мк
Македонија

Сè помалку деца: Четири училишта привремено престануваат со работа

Сè помалку деца: Четири училишта привремено престануваат со работа

Демографскиот пад сè посилно се чувствува и во образованието. Четири подрачни училишта во Делчевско привремено ќе престанат со работа поради недостиг на ученици, одлучи Советот на Општина Делчево.

Станува збор за подрачните училишта во селата Габрово, Ѕвегор, Стамер и Вирче, кои функционираат во рамки на основните училишта „Ванчо Прке“ и „Св. Климент Охридски“. Одлуката е донесена по анализа и оптимизациски план изработен во соработка со Министерството за образование и наука.

Освен драстично намалениот број ученици, важен фактор се и трошоците. Според Општината, функционирањето на овие подрачни училишта ги чини двете матични училишта по околу пет милиони денари годишно.

Бројките ја покажуваат сериозноста на демографскиот проблем. Во учебната 2025/2026 година во Делчево имало вкупно 1.236 ученици – 145 помалку отколку во 2022/2023 година.

Се намалува и бројот на првачиња. Годинава во двете основни училишта биле запишани 111 првачиња, додека во 2015 година имало 142. Пад има и во средното образование, каде бројот на ученици за две години се намалил од 390 на 304.

Состојбата не е изолирана само во Делчево. Во целиот Источен регион демографските показатели се негативни. Во 2024 година биле регистрирани 936 живородени деца и 1.974 починати лица, односно природниот прираст бил минус 1.038 жители.

Учениците од четирите подрачни училишта ќе го продолжат образованието во градските училишта, а Општината донела и одлуки за формирање паралелки со помал број ученици и комбинирани паралелки.