Две лица загинаа во напад со нож во училишен кампус во Гозен Ној Цитау, во германската покраина Бранденбург, во близина на Берлин. Осомничениот за нападот е приведен.
Инцидентот се случил во кампусот на приватните училишта „Докемус“ во округот Одер-Шпре, по што на местото биле испратени голем број полицајци, спасувачи и екипи на итната медицинска помош.
Според досега објавените информации, во нападот загинале жена и маж. Германските медиуми објавуваат дека едната жртва наводно е 18-годишна ученичка, додека вториот загинат е 30-годишен маж, кој наводно се обидел да го спречи напаѓачот. Овие детали засега не се целосно потврдени од надлежните институции.
Полицијата го обезбедила целиот училишен комплекс, а во операцијата биле вклучени и хеликоптери. Родителите се собрале во близина за да ги преземат своите деца, додека сообраќајот во околината бил отежнат.
Од училиштето соопштија дека се длабоко потресени од трагедијата. За учениците и вработените е обезбедена психолошка поддршка.
Полицијата и обвинителството продолжуваат со истрагата, а мотивот за нападот засега не е познат.








