ПРВ.мк
Свет

Медузи „нападнаа“ нуклеарна централа: Два реактори целосно запрени, уште два со намалена моќност

Медузи „нападнаа“ нуклеарна централа: Два реактори целосно запрени, уште два со намалена моќност

Повеќе од 200 тони медузи предизвикаа сериозни проблеми во работата на нуклеарната централа Гравлин на северниот брег на Франција, откако огромни количества стигнале до системите преку кои постројката се снабдува со морска вода.

Според енергетскиот оператор ЕДФ, медузите навлегле во системите за филтрирање на пумпната станица. Поради нивната огромна концентрација, два од шесте реактори биле превентивно целосно запрени, со цел да се избегне влијание врз безбедното функционирање на централата.

Уште два реактори продолжиле да работат со намалена моќност, додека преостанатите два веќе биле надвор од погон поради планирано одржување и инспекција.

Од ЕДФ нагласуваат дека ситуацијата не претставува опасност ниту за безбедноста на нуклеарната централа, ниту за електроенергетската мрежа.

Ова не е прв ваков проблем во Гравлин. Големи количества медузи и претходно навлегувале во системите за внесување морска вода и предизвикувале прекини во работата.

Поради повторувањето на ваквите ситуации, операторот поставил системи за рано откривање и следење на големите групи медузи. Во близина на централата работат и седум бродови кои ги собираат медузите и повторно ги пуштаат во отворено море.

Засега не е познато што предизвикало повеќе од 200 тони медузи да се појават во близина на постројката, а ЕДФ соопшти дека феноменот дополнително се истражува.

Гравлин се наоѓа меѓу Кале и Денкерк и со своите шест реактори претставува една од најголемите и најзначајните нуклеарни централи во Европа.