Русија предупреди дека би можела да гаѓа британски воени објекти и техника, како во Украина така и надвор од нејзините граници, поради поддршката што Велика Британија му ја пружа на Киев. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денеска изјави дека Франција, Германија и Велика Британија ја поттикнуваат украинската криза.
Захарова ѝ порача на Британија да се откаже од, како што наведе, непријателскиот став кон Русија, предупредувајќи дека тоа се заканува да го подигне судирот на целосно ново ниво, пишува „Индипендент“.
Она на конференција за новинарите во Москва посебно истакна дека Британија и Франција „си играат со оган“ кога на Украина ѝ испорачуваат чувствителна ракетна технологија.
– Би сакала посебно да ја споменам деструктивната улога на лидерите на Франција, Германија и Велика Британија во поттикнувањето на украинската криза – рече Захарова на конференцијата за медиуми, пренесе „РИА Новости“.
„Последиците би можеле да бидат непредвидливи“
Захарова наведе дека „Коалицијата на волните“ објавила создавање мултинационални сили кои, „под маската на надгледување на прекинот на огнот“, би биле распоредени во Украина.
– Во суштина, направен е уште еден чекор кон сè поголемото учество на европските земји од НАТО во судирот. Нема да успеат. Вие во Париз, Лондон, Берлин и другите престолнини сносите директна одговорност за учество во терористички напади – рече таа и предупреди дека последиците од таквата политика би можеле да бидат „целосно непредвидливи“, пренесе „Танјуг“.
Лондон во понеделникот соопшти дека на Киев ќе му одобри пристап до доверлива технологија за да може Украина сама да започне производство на крстосувачки ракети со долг дострел „Сторм шедоу“ (Storm Shadow), способни за напади длабоко во руската територија.
Франција веќе даде согласност за лиценцирање на технологијата за овие европски проектили.





